Расте интересот за брендирање на земјоделските производи. Владата за сите што ќе добијат ознака дека се заштитени планира субвенции со новата програма за 2013 година. Во процес на регистрација се охридската цреша, валандовското бело зимско грозје, виното „станушина“, „фила шарлаган“ - ладно цедено масло и галички кашкавал. За брендирање производи секој ќе добие половина од потребните средства за изработка на елаборатот, а потоа уште 5 отсто од вкупнaта вредност на продадените производи. Субвенции има и за земјоделците што своите производи ќе им ги продадат на преработувачи што произведуваат брендирани производи и тие ќе добиваат по 0,5 денари за литар или за килограм предаден производ. Во тек е регистрацијата на уште пет производи што ќе го добијат знакот за квалитет.
Расте интересот за брендирање на земјоделските производи.
Владата за сите што ќе добијат ознака дека се заштитени планира субвенции со новата програма за 2013 година. Во процес на регистрација се охридската цреша, валандовското бело зимско грозје, виното „станушина“, „фила шарлаган“ - ладно цедено масло и галички кашкавал. За брендирање производи секој ќе добие половина од потребните средства за изработка на елаборатот, а потоа уште 5 отсто од вкупнaта вредност на продадените производи. Субвенции има и за земјоделците што своите производи ќе им ги продадат на преработувачи што произведуваат брендирани производи и тие ќе добиваат по 0,5 денари за литар или за килограм предаден производ. Во тек е регистрацијата на уште пет производи што ќе го добијат знакот за квалитет.
- Ние апелираме да расте интересот за брендирање на земјоделските производи затоа што на тој начин не само што се добиваат субвенции од државата, туку тие производи многу полесно се продаваат и постигнуваат подобра цена на пазарот - велат во Владата. Од таму јавуваат дека досега процесот на брендирање го завршиле шест производи - кочански ориз, тетовски грав, македонски ајвар, овчеполски мед, малешевско бело сирење и бело сирење „старо бачило“.
Во Министерството за земјоделство велат дека пред добивање на заштитена ознака за потекло се охридска цреша и валандовско бело зимско грозје.
- За ознака за гарантиран традиционален специјалитет во постапка е ладно цеденото масло „шарлаган“. Во наредните измени на Програмата за поддршка на руралниот развој за 2013 година ќе бидат содржани мерки за финансиска поддршка на производите со заштитени ознаки, но с` уште не се сосема дефинирани како ќе се добиваат субвенциите и со која сума - велат во ресорното министерство.
Експертите велат дека производителите на земјоделски и прехранбени производи во земјава с` повеќе се соочуваат со големиот притисок на конкуренција на домашниот и на пазарите во регионот и во Европската унија. Затоа, според нив, во следниот период македонскиот земјоделско-прехранбен сектор треба значително да се приближи кон нивото определено со стандардите дефинирани во регулативите од Заедничката земјоделска политика на Европската унија.
- Брендирање и заштита на производите мора да се направи за да не ни се случи традиционален земјоделски производ или специјалитет да не може да се продава под тоа име бидејќи веќе е заштитен од друга земја - велат експертите.
Според регулативата, во земјава дефинирани се следниве заштитени ознаки за квалитет на земјоделски и прехранбени производи и тоа Заштитена ознака за потекло, Заштитена географска ознака и Гарантиран традиционален специјалитет.
- Заштитени ознаки не претставуваат гаранција само за квалитетот, туку и за автентичноста на производот, а тоа значи дека купувачите можат да бидат сигурни дека нема да добијат производ со фалсификат назив. Таа означува име на регион, специфично место или во исклучителни случаи име на држава, кое се користи за означување на земјоделски или прехранбен производ - стои во регулативите. Заштитена географска ознака означува име на регион, одредено специфично место или во исклучителни случаи име на држава, кое се користи за означување земјоделски или прехранбен производ, а Гарантиран традиционален специјалитет означува име на земјоделски или прехранбен производ за чие производство е употребена традиционална суровина или има традиционален состав или е произведен на традиционален начин.
Во земјоделските здруженија велат дека го прифаќаат брендирањето бидејќи целта е македонските производи да станат светски препознатлив бренд.
- Бенефитите од брендирањето се во тоа што целото производство ќе биде стандардизирано и ќе се знае што содржи и како се подготвува секоја тегла ајвар или секое парче сирење. Тоа ќе гарантира квалитет и конкурентност на домашниот и на светските пазари - велат во здруженијата.